< назад

Директорот на АМС и претседателот на МОК ги посетија македонските карате репрезентативци

Директорот на Агенцијата за млади и спорт м-р Марјан Спасески, претседателот на Македонскиот Олимписки комитет д-р Васил Тупурковски и спортскиот директор на МОК Владимир Богоевски остварија средба со претседателот на Карате федерацијата на Македонија Драган Стојановски, како и со членовите на Извршниот одбор на КФМ, на која присуствуваа и претседателите на Надзорниот одбор и на Дисциплинската комисија на федерацијата.
На средбата беше разговарано за одличната организација на Карате федерацијата на Македонија која е пример за една спортска организација во земјава, препознатлива и кај АМС и кај МОК, а истовремено авторитетна и на меѓународно ниво. Исто така, претседателот на КФМ Стојановски изрази благодарност за соработката и ја нагласи поддршката која во континуитет ја имаме од Агенцијата за млади и спорт, која од година во година е се поквалитетна. Истото го очекуваме и од Македонскиот олимписки комитет, со оглед на тоа што каратето стана Олимписки спорт.

Врвните личности во најзначајните спортски институции во Република Македонија ги посетија и македонските репрезентативци кои согласно програмата за завршните подготовки, го одработија вториот викенд пред настапот на Светското првенство во Линц, Австрија што ќе се одржи од 25-30 октомври. Присуството на првите луѓе на АМС и на МОК на тренингот на најдобрите каратисти во Република Македонија е мотив повеќе за постигнување на повисоки резултати, но истовремено и дополнителна обврска за спортистите, кои со напорна и посветена работа треба да ја оправдаат укажаната доверба. Светското првенство во Линц ќе биде најголем настан во каратето во последните две години и прво големо натпреварување по историската одлука на Интернационалниот Олимписки комитет (IOC) за прием на каратето на Олимписките игри во Токио 2020 година.