< назад

МОК приреди свечен прием за медалистите од Баку, Несторовски и Павлов

Во просториите на Македонскиот Олимписки комитет се одржа прием за делегацијата на КФМ, на кој беа доделени ветените награди за Мартин Несторовски Емил Павлов. Претседателот на МОК д-р Васил Тупурковски им се заблагодари на нашите каратисти кои освоија бронзени медали на Првите Европски игри. Притоа истакна дека сите тие со својот професионален однос и фантастични спортски остварувања придонесоа Македонија да биде забележана од сите во Баку, а на раководството на Олимпискиот комитет им приреди големо задоволство во следењето на нивните борби. Иако каратето сеуште Олимписки спорт, сите ние заеднички ќе работиме во иднина да успее во настојувањето да влезе на ЛОИ во Токио 2010 година, затоа што овој спорт покажа дека Македонија може да се надева на највисоки дострели. Исто така и дека МОК има извонредна соработка со Карате федерацијата на Македонија и дека истата во иднина може само да биде поуспешна и поквалитетна.

Во името на организаторот на игрите, како и на Европскиот Олимписки комитет, претседателот Тупурковски им врачи на нашите каратисти по 1.500 евра и по една врамена слика од нивните решавачки борби за бронзен медал.

Нашите каратисти Мартин Несторовски и Емил Павлов се заблагодарија на наградите и на соработката со МОК, како и за престојот и успесите во Баку кои влегуваат во историјата на Република Македонија. Притоа потенцираа дека со нетрпение очекуваат каратето да влезе во програмата на Олимписките игри, за Македонија по подолга пауза да може одново да се надева и на олимписки трофеј.