< назад

Македонија на јубилејното ЕП во карате со медал на Несторовски и со две норми за Европските олимписки игри

Во последниот ден од натпреварите на ЕП во Истанбул во борба за бронзен медал настапи женскиот ката тим во состав Поликсенија Јованоска и сестрите Маријана и Мишела Димоски. Сепак, трофејот им припадна на поискусните претставнички на Шпанија а македонскиот тим заврши на петтото место. Тоа беше последен настап на нашите каратисти на јубилејното 50 ЕП во Истанбул, кое е најголем настан во 2015 година организиран под покровителство на светската федерација WKF. Европското првенство се одржа во мултифункционалниот комплекс “Синан Ердем“ кој е гордост на Истанбул и Турција, со капацитет од 22.500 места. 

Македонските каратисти во конкуренција на околу 500 натпереварувачи од рекордни 47 земји се претставија во одлично светло. Мартин Несторовски беше најуспешен и освои бронзен медал во тешка категорија +84 кг. На патот до својот прв сениорски континентален трофеј, тој совлада четворица ривали и беше минимално поразен само во полуфиналниот меч од подоцнежниот шампион Битевиќ. Што е уште позначајно, Несторовски заедно со Емил Павлов обезбеди норма за Првите Европски олимписки игри кои ќе се одржат во месец јуни во Баку. Ланскиот европски шампион Павлов беше блиску до медал во категорија -60 кг, но овојпат мораше да се задоволи со пласман на 5 место со остварени 3 победи и два пораза, а во полуфиналето загуби со судиско изјаснување.


Идентичен пласман оствари и женскиот тим во борби во состав Наташа Стефановска, Симона Заборска, Моника Стефановска и Драгана Тодорова. Тие имаа вкупно 3 победи во петте меча и го забележаа досега најдобриот резултат во оваа дисциплина.

Заедно со 5 место на женскиот ката тим кој е убедливо најперспективен во Европа, како и седмите места на Наташа Стефановска во категорија -61 кг и на Поликсенија Јованоска во кати Македонија го имаше досега најкомпактниот настап на континенталните шампионати. Се што македонските репрезенти покажаа во Истанбул и на спортски план, и како фер плеј и коректен однос е само продолжение на успешното менаџирање на Карате федерацијата на Македонија, која уште еднаш покажа дека е организација за пример.