< назад

Македонските каратисти подготвени за настапот на ЕП во Софија

Во просториите на Агенцијата за млади и спорт се одржа прес конференција по повод претстојното 44 ЕП во карате за кадети и јуниори и 9-то за помлади сениори (У21) кое ќе се одржи во Софија, од 17-19 февруари, како дел од календарот на Европската карате федерација (EKF). На пресот присуствуваа тренерите на државните репрезентации во борби и во кати, како и петмина наши репрезентативци.

„Карате спортот дефинитивно е меѓу најуспешните и најтрофејнитe спортови во Република Македонија, а за тоа најдобро говорат резултатите. Сето тоа е како последица на добро организирана федерација, функционални клубови кои регрутираат млади и талентирани спортисти, одлични тренери и селектори, а верувам дека дополнителен фактор за квалитет е и самиот факт што каратето беше прогласено за oлимписки спорт и ќе се најде на програмата за Летните Олимписки Игри во Токио 2020 година. Тоа подразбира дека конкуренцијата во иднина ќе биде се посилна, а најголемиот тест за нашите репрезентативци ќе бидат овие големи натпреварувања. Јас сум оптимист и поведувајќи се од искуството дека нашите каратисти во последните неколку години редовно се враќаат со трофеи од големите натпреварувања, верувам и сега ќе го покажат својот квалитет и ќе го продолжат трендот на успеси на големите натпреварувања“ – изјави Марјан Спасески, директор на Агенцијата за млади и спорт.

„Благодарност за поддршката за АМС и лично за директорот Марјан Спасески за нивната поддршка, која ја имаме во континуитет. Мислам дека подготвеноста на репрезентивците е на највисоко ниво. Сите се оптимално подготвени и ќе ги бранат боите на Македонија, сите кои ќе настапат во своите категории се квалитетни и свесни за предизвикот. Во оваа прилика сакам да изразам благодарност до нивниот пристап и залагањето за време на подготовките и затоа е реално да се очекуваат медали, пред се од Петар Спасеновски и од Моника Пендароска кои се минатогодишни медалисти во како јуниори, а сега се меѓу фаворитите за помлади сениори. Верувам во сите кои ќе настапат и сигурен сум дека ќе го дадат максимумот на првенството“ - изјави Арлинд Хусеини, тренер на државна репрезентација во борби, помлади сениори.

 

„Со поддршката што ја добиваме од Агенцијата за млади и спорт, од Карате федерацијата на Македонија  и од Македонскиот олимписки комитет, ние секогаш се враќаме со медали од големите натпреварување. Верувам дека така ќе биде и овој пат. Овие репрезентативци се темелот и иднината на македонското карате. Подготовките поминаа во најдобар ред, сите 16 во кадетска и јуниорска конкуренција се подготвени и се надевам дека ќе го повториме минатогодишниот резултат кога во Кипар освоивме 3 медали“ – изјави Александар Кузмановски, тренер на државната репрезентација во борби, кадети и јуниори.

„Се надевам дека ќе бидеме конкурентни, иако катите се специфични во однос на борбите. Се надевам дека судењето ќе биде на ниво и дека ќе биде објективно и реално. Што се однесува до нашите претставници, сигурен сум дека нашите се добро подготвени и дека ќе го дадат својот максимум. Благодарност до АМС за големата поддршка и секако до КФМ која како одлично организирана федерација на чело со претседателот Драган Стојановски ни обезбеди се што е неопходно за да имаме најдобра можна подготовка за ова натпреварување" – изјави Стојан Андриевски, тренер на државна репрезентација во кати.

 

На прес конференцијата од каратистите присуствуваа петмина каратисти, кои имаат позитивни искуства од претходните големи натпреварувања. Вероника Костовска (јуниорка), освојувач на златен медал во кадетска конкуренција во Цирих 2015 година, Моника Пендароска (помлада сениорка), која има 3 бронзени медали како кадетка и јуниорка во изминатите неколку години, вклучувајќи го и минатогодишното од Лимасол, Кипар. Петар Спасеновски (помлад сениор), исто така лани освои јуниорска бронза во Кипар, како и Столе Смилковски (јуниор), кој беше третопласиран во Лимасол во својата категорија.Во име на репрезентативците во кати зборуваше Фери Исиќ, кој на Светското првенство во Џакарта, Индонезија, во 2015 година оствари пласман на 7-то место, што е најдобар поединечен пласман на наш натпераврувач на светско првенство во ката.