< назад

Михајлов: Бронзениот медал од ЕП мотив за поголем резултат на СП

Освојувачот на бронзениот медал, 16-годишниот Љупчо Михајлов, на денешната прес-конференција по повод освоениот бронзен медал во категоријата јуниори до 68 кг. на 49-то Европското првенство во карате за кадети, јуниори и помлади сениори У21 што се одржа во Прага, Чешка, има цел да се пласира во финалето на следното Светско првенство во Турција.

- Малку фалеше да влезам во финалето и жалам што не успеав во тоа. Продолжувам со подготовки, најпрво за Државното првенство, а потоа и за Светското првенство во Турција, каде се надевам дека ќе влезам во финалето, истакна носителот на бронзениот медал.

Александар Кузмановски, селекторот на кадетите и јуниорите во кумите имаше поголеми очекувања од овој шампионат.

– Очекувањата од ова првенство беа многу поголеми. Сепак се вративме со медал и ја продолживме традицијата каратето да освојува одличја. Честитки дo Љупчо Михајлов и неговите тренери и клубот Штип за овој резултат. Квалитетот треба да се препознае и мислам дека треба да се поддржи на највисоко ниво во сите државни инстанци. Со работа, со труд, ова генерација на македонски каратисти може и во иднина да не радуваат со медали, рече Кузмановски.

Незадоволен од резултатите на своите избраници е и селекторот на македонскиот ката-тим, Стојан Андриевски.

– Не сум задоволен од нашиот резултат на ова ЕП. Нашите репрезентативци не го издржаа психолошкиот притисок на натпреварот за медал, против Турција. Можеме многу повеќе, имаме квалитет и со повеќе работа ќе има поголеми успеси. Но, мора и државата повеќе да вложи, како финансиски, така и со обезбедување услови за работа, рече Андриевски на денешната прес-конференција.

На ова Европско првенство настапуваа вкупно 1.084 натпреварувачи од 48 држави.