< назад

Напредокот на каратето во период на коронавирус тема на дискусија на видеоконференција на WKF

Претседателот на Светската карате федерација (WKF) Антонио Еспинос го започна вториот круг состаноци на со националните карате федерации од европските земји преку видеоконференција, а се очекува деновиве околу 80 национални федерации од целиот свет да се приклучат на тридневните состаноци. Претседателот Еспинос ја истакна важноста на единството на сите земји во светската карате федерација, чиј реален лидер е Европската карате федерација (EKF), а исто така се заблагодари на напорите на националните федерации за одржување на спортистите и тренерите на нивните територии во каков таков ритам, во рамки на околностите во овие невидени, тешки времиња за спортот. 

Меѓу приоритетите во агендата беше промоцијата на каратето на национално ниво и ефектите од пандемијата на коронавирусите на европскиот континент. Исто така и историската 2021 година, кога каратето за првпат ќе биде присутно на Олимписките игри во Токио, каде што во далечната 1970 година се одржа првото светско првенство. Условите за учество на завршниот квалификациски турнир во Париз остануваат исти, што значи дека покрај сегашниот WKF ранкинг ќе се бодуваат Премиер лигата во Рабат, Мароко и Европското првенство во Гетеборг, Шведска следната година. Во меѓувреме, зависно од ситуацијата со коронавирусот и рестрикција на патувањата, ќе има уште неколку натпревари кои ќе бидат како подготовка за главните настани во 2021. 

„Лично имам големо чувство на оптимизам за следните месеци. Сигурен сум дека заедно и со напорите на сите инволвирани страни, ќе можеме да ги продолжиме нашите активности многу скоро. Додека го чекаме тој момент, нашите спортисти и сите инволвирани во каратето ќе продолжат да инспирираат како и досега. Наша одговорност е да им понудиме на нашите заинтересирани страни можност да ги слават вредностите, единството и посветеноста на нашиот сакан спорт“, рече претседателот на WKF Антонио Еспинос.

Се разгледуваа различните можности за повторно започнување на натпреварите, што во овој момент никој не може да предвиди кога ќе се случи, поради најавениот можен втор бран на коронавирус. Од страна на Карате федерацијата на Македонија, претседателот Горан Милковски во име на Извршниот одбор истакна дека и покрај лимитираните услови, најголем дел од нашите сениори тренираат главно во изолација, а слично е и со помладите категории. Имаме тројца спортисти со продолжена олимписка стипендија до 2021 преку Олимписката солидарност на Меѓународниот олимписки комитет (IOC), што е голема чест и тие посветено се однесуваат кон своите обврски, согласно препораките од WKF и од надлежните здравствени организации. Добивме помош од Агенцијата за Млади и спорт за повеќе од половина клубови кои ги исполнија бараните критериуми, за да можат да опстанат во овие тешки услови. Во делот на активности, одржавме за првпат „on line“ натпревар за млади категории до 15 годишна возраст, како поттик и за нив и за нивните врсници од сите спортови. Во делот на промоција на спортот, според примерот на WKF се поактивни сме на социјалните мрежи и преку „YouТube“ каналот на КФМ. Исто така, покрај тоа што повеќето клубови работат на отворено, очекуваме од здравствената комисија наскоро да ни овозможи протокол за вежбање во затворени простории, што се надеваме дека ќе се случи во септември, зависно од ситуацијата со коронавирусот.

„По првиот круг состаноци што ги имавме во мај, и сега откако внимателно го слушнав секој од вас, имам перцепција дека светот на каратето е во многу подобра позиција отколку што беше пред само неколку месеци. Задоволен сум и чест што ги добив сите овие одлични повратни информации од сите вас, и сакам да изразам благодарност за вашиот суштински придонес во напредокот на нашиот спорт“, потенцираше претседателот на WKF, Антонио Еспинос.

Иако до крајот на оваа година речиси сите натпреварувања се откажани, останува некаква надеж дека во декември би можеле да се организираат барем една Премиер лига и една Младинска лига, како загревање за 2021 година. Првиот голем настан во нормални услови за кој сите треба да се подготвуваме треба да биде Европското првенство за кадети јуниори и У21 во Тампере, Финска во средината на февруари. Многу повеќе ќе се знае кон крајот на ноември и почетокот на декември, кога начелно е договорен и трет ваков видеоконференциски состанок.