< назад

Одржано редовно годишно собрание на КФМ

Карате федерацијата на Македонијата на ден 25 јануари 2020 година, во конгресната сала на „Даре Џамбаз“ во Скопје, го одржа редовно годишно собрание, на кое што беа разгледани и усвоени извештаите за работата во изминатата 2019 година како и финансиските извештаи за истата, годишната програма и финансискиот план за 2020 година. Минатата 2019 година е оценета како една од најуспешните досега, во која Емил Павлов на европското првенство во Гвадалахара освои бронзен медал, што е негов четврти трофеј од европските првенства. Со тоа обезбеди норма за Европските игр во Минск, на кои се пласира на петтото место. На Премиер лигата во Москва освои златен медал, со кој се проби меѓу најдобрите десет каратисти на WKF листата. Пулексенија Јованоска го повтори својот најголем успех досега, со пласман на петтот место на европското првенство. Павлов, Јованоска и Берат Јакупи влегоа во олимписката година како олимписки стипендисти и продолжуват да се борат за норма за Токио 2020.

Минатата година беше убедливо најуспешна во историјата на младинските категории досега. На европското првенство во Алборг за кадети, јуниори и помлади сениори (У21) имавме четири финалиња. Во У21 нашите каратисти Петар Спасеновски и Доан Османи освоија златни медали, Глигор Петков стана јуниорски европски вицешампион, а Бојан Костов кадетски европски вицешампион. Костов ја заокружи годината со бронзен медал на светското кадетско првенство, а претходно на Медитеранското првенство Фаик Весели освои златен медал, а Костов бронзен. Кај девојките, Вероника Костовска и Ангела Мојсовска освоија златни медали во У21 на Светскиот куп во Умаг, а јуниорот Марио Свинарски ја заврши годината со бронзен медал за јуниори на светската младинска лига во Венеција.

Реализирана е планираната програма во целост и на домашен и на меѓународен план, што заврши со меѓународниот турнир „Трофеј на Македонија“ со цел за успешна презентација на каратето и пред се, на македонските каратисти. Годината ја започнавме како најуспешна спортска федерација а ја завршивме со најголем број номинации на финалните листи за 2019 година. Пулексенија Јованоска е избрана за најдобра спортистка, прва во историјата на катите, а Сашко Арсовски е вторпат по ред прогласен за најдобар селектор, во изборот кој го организираат Сојузот на спортски федерации и Агенцијата за млади и спорт. Исто така, спортски оскар во категорија на универзитетски спорт доби женскиот тим во борби, за бронзен медал на европското првенство. Конечно, во минатата година Драган Стојановски ја доби највисоката Државна награда „8 септември“ за животно дело од областа на спортот, кој е прв добитник на најпрестижното признание од каратето и прв претседател на една спортска федерација со вакви почести.

Со оглед на тоа што оваа година беше и Изборно собрание, работното претседателство го пренесе заедничкиот предлог на Извршниот одбор за претседател на федерацијата, кој беше единствен кандидат за новиот мандат. На тајно гласање, Собранието со мнозинство гласови од кои 49 за и еден против го изгласа предлогот. За претседател во наредните 4 години е избран Горан Милковски, кој во изминатите десет години беше делегат на сите конгреси на европските и светските првенства, во два мандата е член на Извршниот комитет на Балканската федерација и актуелен член на Извршниот комитет на Медитеранската федерација. Во наредните четири години тој ќе ја предводи Карате федерацијата на Македонија. На предлог на претседателот, Собранието едногласно ги изгласа и членовите на Извршниот одбор на КФМ, Драган Стојановски, Бесник Мурати, Александар Туфекчиевски, Ѓоре Дервишов, Дејан Чолевски, Алим Хајредини, Наташа Илиевска и Боге Спасеновски. Собранието ја усвои и предложената домашна и меѓународна програма за 2020 година. Главните цели во иднина остануваат исти, остварување на врвни резултати и преезентација на федерацијата на највисоко ниво пред се, на европските и светските првенства.

Годинава е историска, во која каратето за првпат ќе биде на програмата на Олимписките игри во Токио, каде што наш најголем  адут за олимписка норма е Емил Павлов, заедно со уште двајца олимписки стипендисти Берат Јакупи и Пулексенија Јованоска, како и другите кои ќе ги исполнат условите да настапат на квалификациониот турнир во Париз во мај. На првата седница во новиот состав на Извршниот одбор, за потпретседаели на КФМ се избрани Драган Стојановски и Бесник Мурати.