< назад

Прес на КФМ – амбициите непроменети, имаме силни адути за медали

Прес на КФМ – амбициите непроменети, имаме силни адути за медали
Во пресрет на настапот на Европското првенство за кадети, јуниори и постари јуниори во Лисабон од 7 – 9 февруари, прес конференција одржа Карате федерацијата на Македонија.
Македонија ќе има 30 члена репрезентација, а приоритет на првенството е продолжување на жетвата на трофеи, како што беше минатата година во Коња кога освоивме 3 медали во борби, од кои еден златен за Берат Јакупи (-21 година), и два бронзени, за Виктор Крстевски (јуниори до 18 години), и Моника Пендаровска (кадети до 16 години).
Амбициите на најсилните натпреварувања на континентот отсекогаш се голем предизвик, и покрај силната конкуренција, по завршување на седумдневните подготовки во Струга, репрезентативците се подготвени за претстојниот настап.
“Задоволен сум од одработеното на подготовките, особено од тоа што никој од каратистите не се пожали на повреда. Секако и формата е на потребното ниво, и затоа очекувам сда се претставиме во вистинско светло. Работевме напорно, покрај техничко тактичките обврски, веќе во неколку вакви подготовки имаме ангажирано и спортски психолог, д – р Ленче Алексовска, која многу ни помогна во тој дел. Имаме адути, особено тука е актуелниот европски шампион од Коња, Берат Јакупи, кој ќе го брани златото на својот последен настап, во конкуренција на каратисти до 21 годишна возраст. Исто така, многу очекувам и од Симона Заборска во категорија до 60 килограми, но и од сите други, кои се на списокот, како кај јуниорите, така и кај кадетите“ – изјави Арлинд Хусеини, селектор на јуниорската репрезентација во борби.  
“Знам дека ќе биде тешко да се одбрани златото, но тоа е секогаш мојата главна цел. Од моја страна, можам да ветам дека ќе дадам се од себе за да го повторам успехот, и да ја одбранам европската титула од Коња, и како што вели народот, со Господ напред “ – изјави Берат Јакупи, кој минатата година во Коња, по третпат стана европски шампион, во три возрасни категории.
“Ние не се подготвувавме само една недела, туку можам да кажам дека нашите подготовки се цела година, од минатото ЕП. Најмногу очекувам од нашиот женски ката тим. Катите се сосема поинаква дисциплина, во која во 40 – годишната историја на македонското карате, имаме само еден медал. Од тој податок може да се види, колку е тешко да се освои трофеј. Но, овие девојки го заслужуваат тоа, особено по резултатите остварени минатата година, кога на Европското првенство беа петти, а идентичен пласман остварија и на Светското првенство. Конкуренцијата ни е добро позната, тука се тешко совладливите Шпанија, Италија, Франција, Турција и други земји, но ние ќе дадеме се од себе, за да се вратиме со медал“ – изјави Златко Димоски, селектор во кати.
“Заедно со Маријана Димоска и Искра Каракашоска трениравме напорно, позрели сме за една година и ќе направиме се што е до нас, за да постигнеме резултат. Но, многу работи можат да зависат и од ждрепката, и од спортската среќа, па сепак, се надеваме дека ќе го оствариме посакуваниот резултат“ – изјави Мишела Димоска, репрезентативка во кати.     
На ЕП во лисабон ќе настапи бројна делегација, со 30 репрезентативци, кои вечерва патуваат за Истанбул,  од каде што утре продолжуваат за Лисабон.