< назад

Шабан Tрстена ги посети македонските каратисти

На тренингот во салата "Партизан 3" нашите карате репрезентативци ги посети Шабан Трстена, најдобриот спортист на Македонија во 20 -от Век, заедно со претседателот на Карате федерацијата на Македонија Драган Стојановски. Ексклузивниот гостин, Олимпискиот шампион од Лос Анџелес 1984 година и вицешампион на Олимпијадата во Сеул 1988 година им пренесе дел од своето богато искуство во борењето, во кое повеќе од една деценија беше еден од најдобрите спортисти на најголемите меѓународни натпреварувања и речиси секоја година во континуитет освојуваше светски или континентален трофеј. Најуспешниот македонски спортист во историјата беше одушевен од начинот на организација на Карате федерацијата на Македонија, од грижата за спортистите и од страна на федерацијата, како и од страна на државата преку доделување стипендии за истакнати врвни резултати, што треба да биде поттик иобврска за уште повисоки постигнувања за сите што работат во карате спортот.  Со оглед на тоа што борењето и каратето се боречки спортови со слични специфики, а во август годинава каратето на Олимписките игри во Рио доби статус на Олимписки спорт, Трстена им укажа за историската шанса која ја имаат македонските каратисти и им нагласи дека само со напорна и посветена работа може да се постигне и најтешката можна цел. Пренесувајќи им го сопственото искуство големиот шампион им посака најдобри можни спортски резултати на СП во Линц кое ќе се одржи кон крајот на октомври, што е само попатна станица до остварување на олимпискиот сон.  Карате федерацијата му заблагодарува на големиот шампион за одвоеното време и на драгоцените совети кои им ги пренесе на нашите репрезентативци.