< назад

Емил Павлов во финале на Премиер Лигата во Дубаи

Емил Павлов се пласираше во големото финале во категоријата кумите -60кг. на Премиер Лигата која се одржува во Дубаи, откако во ½ финалниот дуел го совлада Летонецот Калвис Калнинс со 5-3. Претходно, Павлов во 1. коло беше слободен. Во 2. коло го совлада Жујеонг Гу од Јужна Кореја со 3-1. Во 3. коло беше подобар од Степан Ефименко од Русија со 3-2, додека во 4. коло го победи Украинецот Олег Филиповиќ со убедливи 6-0. Финалето против Турчинот Ерај Самдан на програмата ќе биде во недела.

Во категоријата кумите мажи -67кг. Ненад Келебиќ беше сопрен во 3. коло од Бразилецот Винициус Фигуеира со 4-0. Во првите две кола Келебиќ беше подобар од Александер Гутник од Русија со 2-1 и Раул Куерва Мора од Шпанија со 3-2.

Во категоријата кумите -75кг. Енес Смилагиќ стигна до 2. коло каде загуби од Чун Су Веј од Кинески Тајпеј со 3-0.  Во првата своја борба Смаилагиќ го совлада Иса Рзаблов од Казахстан со 3-0. Останатите двајца македонски преставници во оваа категорија Петар Заборски и Ферат Корбулиќи својот настап го завршија уште во 1. коло. Заборски беше поразен од Русинот Александр Шчербан со 3-0, додека Корбулиќи загуби од Иван Мартинац од Хрватска.

Сара Радичевска во категоријата кумите -50кг. жени стигна до 2. коло каде по судиско изјаснување беше поразена од Чанјаут Чипенсук од Тајланд. Претходно во 1. коло Радичевска ја победи Умај Ујгур од Турција со 2-1.

До 2. коло стигна и Јована Георгиева во категоријата кумите -55кг. жени. Во својата прва борба Георгиева беше подобра од Маја Шарер поради прв освоен поен на резултат 1-1, додека во 2. коло на истиот начин загуби од Јапонката Шиори Накамура. Во истата категорија Симона Заборска загуби уште на самиот старт од Швајцарката Мелинда Мишел со 2-0.

Во кати во женска конкуренција, Пулексенија Јовановска својот настап го заврши во 1. коло откако беше поразена од Франческа Фабрегас – Ецеиза и Араки од Шпанија со 3-2.