< назад

Информација за пререгистрација на натпреварувачи за летен преоден рок за 2026 година

Согласно член 21 од важечкиот Правилник за регистрација на карате клубови и натпреварувачи, натпреварувачите кои сакаат да го променат клубот во кој членуваат тоа можат да го сторат во согласност со одредбите од Правилникот и во роковите утврдени како преодни рокови.

Преодните рокови се:

  • од 15 јануари во 00:00 часот до 30 јануари во 24:00 часот (зимски преоден рок);
  • од 15 јуни во 00:00 часот до 30 јуни во 24:00 часот (летен преоден рок).

За регистрација на натпреварувач кој го менува клубот, клубот во кој преминува натпреварувачот е должен до канцеларијата на КФРСМ да достави:

Пријава за регистрација;

  • Два натпреварувачки картони заверени од новиот клуб, со две фотографии;
  • Изјава на натпреварувачот за промена на клубот, во два примерока;
  • Исписница или доказ дека е побарана исписница (барање за исписница заверено од матичниот клуб или доказ за испратено препорачано писмо со копија од барањето, согласно член 17 од Правилникот).
  • Доколку постои претходен договор помеѓу клубот и натпреварувачот, потребно е да се достави доказ за извршена уплата на обештетувањето предвидено со тој договор.

Доколку помеѓу новиот клуб и натпреварувачот се склучува договор, истиот се потпишува во три примероци, од кои еден примерок задолжително се доставува до КФРСМ за евиденција.

Во случај на оспорување на преминот од страна на матичниот клуб, ќе се применуваат одредбите од Правилникот за обештетување.

Согласно член 8 од Правилникот, натпреварувачот стекнува право на настап од денот на неговата регистрација од страна на надлежната комисија.