< назад

Репрезентацијата во борби со интензивни подготовки за настап на европската сцена

Македонската карате репрезентација во борби, во комплетен состав, ги започна подготовките за претстојното Европско првенство во Франкфурт.

Првата фаза од подготовките се реализира во Прелог, Хрватска, каде што нашите репрезентативци тренираат заедно со селекцијата на Хрватска, разменувајќи искуства и унапредувајќи го квалитетот на тренажниот процес.

Во текот на овој подготвителен период, фокусот е ставен на унапредување на техничко-тактичките елементи, како и на подигнување на натпреварувачката форма на највисоко можно ниво.

По завршувањето на заедничките подготовки, репрезентацијата ќе продолжи со завршниот дел од подготовките во својата база во Катланово, каде ќе се реализираат финалните тренинзи пред заминувањето за Европското првенство.

Со максимална посветеност, дисциплина и силен тимски дух, нашите каратисти се подготвени достоинствено да ја претставуваат Македонија на европската сцена.