< назад

Сребрен медал за Ада Муртезани од Балканското првенство за деца во Истанбул

Македонската каратистка Ада Муртезани освои сребрен медал во категоријата кумите 13 години женски до 49 кг, на првиот ден од Балканското првенство за деца, по серија одлични настапи и борби против квалитетни противнички од повеќе држави.

Во првото коло, Муртезани убедливо ја совлада Јосипа Цук со резултат 7:1, со што го отвори натпреварувањето на сигурен и доминантен начин. Во втората борба, таа продолжи со добра форма и во тесен и неизвесен меч ја победи Турчинката Озде Дегимеренци со 4:3.

Во третата борба следуваше тактички многу напнат дуел против хрватката Марта Кордиќ, кој заврши без поени 0:0, по што Ада победи со судиско изјаснување. Во четвртата борба за влез во финале, таа беше подобра од романката Истрате Софија со 3:1, со што обезбеди пласман во финалната борба.

Во финалето, Муртезани одигра израмнет меч против домаќинката од Турција, Бетул Нур Ајкин, но во тесна завршница беше поразена со 1:2, со што го освои сребрениот медал.

Со овој резултат, Ада Муртезани уште еднаш го потврди својот квалитет и потенцијал на меѓународната сцена и се вбројува меѓу перспективните млади македонски каратистки во својата категорија.