Карате федерацијата на Македонија со голема гордост информира дека младата каратистка Софија Топалоска освои златен медал на престижното AAU Karate National Championships 2026, кое се одржува од 29 јуни до 4 јули во Конгресниот центар Broward County Convention Center во Форт Лодердејл, Флорида, САД.
Софија Топалоска настапи во категоријата девојчиња 10 години – Advanced Kumite, каде што со извонредна техничка подготвеност, тактичка зрелост и силен натпреварувачки дух успеа да се искачи на највисокото место на пиедесталот уште на првиот натпреварувачки ден.
AAU Националното првенство претставува едно од најзначајните карате-собири во Соединетите Американски Држави, кое секоја година ги обединува најдобрите млади каратисти од сите сојузни држави, заедно со нивните тренери и клубови. Во рамки на настанот се одржуваат и специјализирани семинари и мастер-класови со врвни светски и олимписки шампиони.
Софија Топалоска настапува за клубот American Sports Karate од Нејплс, Флорида, каде што продолжува да ја гради својата спортска кариера. Таа е поранешен член на Карате клуб „Кизаме“ од Скопје, каде ги направи своите први натпреварувачки чекори, и досегашен член на Карате федерацијата на Македонија, под чие знаме има освоено повеќе домашни и меѓународни одличја.
Овој успех претставува уште една потврда за нејзиниот талент, посветеност и континуиран спортски напредок, како и значаен придонес кон афирмацијата на македонското карате на меѓународната сцена.
На само 10 години, Софија Топалоска се вбројува меѓу најперспективните млади каратисти во својата генерација, а нејзиниот златен медал од националното првенство во САД претставува силна најава за идните спортски предизвици и успеси.






