Македонските каратисти Иса Селими, Стефан Алексовски и Ебубекр Незири освоија еден златен и два сребрени медали во категориите кумите машки 13 години до 45 кг, кумите машки 10 години до 45 кг и кумите машки 12 години до 42 кг, на вториот ден од Балканското првенство за деца. Тие прикажаа одлични настапи и забележаа серија победи против квалитетни противници од повеќе балкански држави.
Иса Селими имаше извонреден настап во својата категорија. Во првото коло го совлада Ангелос Михалис Караконтис од Грција со 5:1, а потоа беше убедлив против Алекса Масимовиќ од Србија со 10:0. Во третата борба славеше против Вујо Иванишевиќ од Црна Гора со 1:0, а во борбата за влез во финале го победи Бугаринот Тодор Димитров со 8:5, со што обезбеди финале.
Во финалната борба, Селими одигра неизвесен меч против претставникот од Србија, Вукан Вујиќ, но на крајот извојува победа со 4:2, со што заслужено го освои златниот медал.
Стефан Алексовски исто така прикажа силни настапи во својата категорија. Во првото коло го совлада Метахан Оз од Турција со 5:3, а потоа беше убедлив против Милутин Живковиќ од Србија со 9:1. Во третата борба славеше против Стефан Бојаџиев од Бугарија со 8:0, а дополнително се избори за пласман во финалето и по двојна дисквалификација во второто столбче од жребот.
Во финалната борба, Алексовски водеше тешка и неизвесна битка против претставникот од Турција. Иако во еден момент имаше предност од 5:2, а мечот заврши 6:5 во негова корист, победата му беше доделена на домаќинот, по што Стефан го освои сребрениот медал.
Ебубекр Незири исто така имаше одличен настап. Во првиот меч го победи Христос Кафарацис од Грција со 6:2, потоа беше подобар од Каан Халит Бајрактар од Турција со 4:3, а во третата борба славеше против Ведад Мемовиќ од Босна и Херцеговина со 2:1. Со победата над Ерен Таскин од Турција со 3:1, обезбеди финале.
Во финалето, Незири не успеа да стигне до златниот медал, губејќи со 1:3 од хрватскиот натпреварувач Тома Рибар, со што го освои среброто.
Со овие резултати, Македонија уште еднаш потврди дека располага со силна и перспективна генерација млади каратисти со значаен потенцијал на балканската сцена.






