< назад

Драган Стојановски е добитник на наградата за Животно дело „8 септември“

Претседателот на КФМ, Драган Стојановски годинава е носител на највисоката награда од областа на спортот, признанието за Животно дело „8 септември“, кое традиционално се доделува по повод Денот на независноста.

Во својот богат опус на активности, Стојановски минал низ сите развојни фази на каратето и како спорт, и во органзациски смисол. Роден на 1јули 1950год, тој е еден од првата генерација каратисти под водство на легендарниот професор Атанас Кајчевски. Карате почнува да тренира уште од 1967 година и во својот омилен спорт е сеуште присутен. Како спортист е повеќекратен шампион на Македонија, потоа е тренер и судија. Меѓу најистакнатите спортисти кои ги тренирал е Мирче Опеловски, првиот носител од карате на Спортска пензија, како и многу други истакнати спортисти. Од 1986 -90 првпат претседател на Карате сојуз Македонија, како најмлад во историјата. Од почетокот на 2008 година се враќа на чело на Карате федерацијата на Македонија, членка на Светската карате федерација (WKF) која е официјално призната од Меѓународниот олимписки комитет (IOC). За време на неговото претседателствување, во претходната деценија каратето се етаблира како лидер во спортот, пример и модел за организација и успех, единствен во македонскиот спорт.
Во тој период се освоени 12 медали на сениорски европски првенства, како и сениорски медал на светско. Во исто време се освоени над 30 европски медали во помладите категории !

Со мудро менаџирање и на домашен и на меѓународен план, Стојановски е меѓу најзаслужните за реформирањето на Карате федерацијата на Балканот во 2013 година, каде што еден мандат беше потпретседател. Тоа беше во клучниот период кога каратето конечно беше примено во програмата на Олимписките игри во Токио. 

меѓу најзначајните остварувања се врвните успеси на настаните во доменот на Меѓународниот олимписки комитет во изминатите 4 години. На сите нив, каратето од 2015-18 година е секогаш најуспешен од сите наши спортови:

-освоени медали на Европски игри Баку 2015, први и сеуште единствени медали во историјата. Освојувачи на бронзени медали се Емил Павлов и Мартин Несторовски.

-освоени се 3 медали на Медитерански игри во Тарагона 2018 година. Златен медал освои Берат Јакупи, а бронзени Жарко Арсовски и Ненад Келебиќ.

-освоен медал на Младински олимписки игри во Буенос Аирес 2018 година. Фаик Весели стана прв носител на трофеј во историјата за нашите млади олимпијци, каде што беше единствен квалификуван од Европа во својата категорија.

Покрај овие достигнувања, воизминатиот период каратето е единствен спорт кој има европски шампиони кај сениорите и за мажи и за жени.

-Емил Павлов е двапати европски првак, а вкупно досега освои 4 европски сениорски медали. Во Тампере 2014 и во Нови Сад 2018 година златни, во Монпелје 2015 и во Гвадалахара 2019 година бронзени.

-Наташа Илиевска е европска шампионка во 2011 во Цирих, а во 2009 освои сребрен медал.

Покрај наведените спортисти, сениорски медали освоија и Ардита Исени во 2008, Огнен Груевски во 2010,  Берат Јакупи во 2013 и 2017 година, Мартин Несторовски во 2015 година, Јована Ѓоргиева во 2017 година.

Во 2010 година Жарко Арсовски во Белград го освои првиот медал на сениорските светски првенства.

Под водство на Стојановски, сите тројца селектори во борби се освојувачи на еднократната награда „8 септември“. Најпрвин Бошко Заборски, потоа Петар Белистојаноски и Сашко Арсовски.

Во тој период КФМ се здоби со репутација на една од најдобро организирани федерации со висок авторитет во светска и европска, балканска и медитеранска федерација.

Исто така, на Изборот за најдобри спортисти на годината КФМ е трипати добитник на признанието за најдобра спортска федерација, во 2011, 2016 и 2018 година. Вкупно нашите спортисти имаат над 40 индивидуални признанија, а каратето е меѓу споетовите со најмногу стипендисти од Агенцијата за млади и спорт. 

Во повеќето од националните спортски федерации, Драган Стојановски е со репутација на уникатна личност, кој е  во сите развојни процеси и фази во каратето со визија, лидерство, посветеност и врвно менаџирање и вложување во спортистите, клубовите и федерацијата, како модел за врвна спортска организација по која треба да се раководат и другите наши спортски федерации и спортови.

Признанието му го врачи директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, кој ги поздрави присутните, им го честита денот на независноста. На наградените им се заблагодари за големите успеси кои се пример за помладите генерации спортисти, кои во иднина ќе го бранат македонскиот дигнитет и ќе го пренесат чувството на вредност на спортскиот пиедестал во насока на приомоција на својата земја.

На присутните им се обрати и претседателката на Одборот за наградите „8 септември“ Ленче Алексовска-Величковска, која потенцираше дека и покрај големата конкуренција при аплицирањето, членовите на комисијата, како и членовите на Одборот беа едногласни во изборот за годинашните награди.

Покрај наградата за Животно дело во спортот, беа доделени и 4 еднократни награди за Кочо Димитровски-фудбал, Атанас Николовски-кајак, Слободан Николиќ - спортска медицина, Томе Коцев - борење.на свеченоста присуствуваа претседатели и претставници на повеќе Национални спортски федерации во поедини спортови, претседателот на МОК васил Тупурковски, спортисти, тренери и спортски работници. Најмногу имаше од каратето, каде што беа поранешните претседатели Славе Пашоски и Јован Лазарев, членовите на Извршниот комитет и на поедини комисии на КФМ, тренери и поранешни и сегашни спортисти кои меѓу првите му ја честитаа наградата за Животно дело во спортот на претседателот Драган Стојановски.