Шест спортисти од Македонија меѓу кои и каратистот Фахик Весели ќе учествуваат на третите Младински олимписки игри кои од 6. до 18. октомври оваа година ќе се одржат во Буенос Аирес, Аргентина.
По тој повод денеска Македонскиот олимписки комитет одржа прес конференција на која спортистите ги искажаа своите очекување за претстојните игри во Буенос Аирес.
Државниот тренер во кумите за кадети и јуниори, а воедно и клупски тренер на Фахик Весели, Александар Кузмановски се заблагодари на Карате федерацијата на Македонија и на Македонскиот олимписки комитет за безрезервната подршка која ја добија во овој период, во која им беа овозможени базични подготовки во Македонија, но и подготовки со светскиот карате крем во Украина, предводен од тренерот на Карате репрезентацијата на Украина Антон Никулин и еден од најдобрите каратисти во Светот Станислав Хоруна.
Фахик Весели изјави дека се чувствува подготвено за овој предизвик и се надева на добар резултат на претстојните игри.
Македонската експедиција за Буенос Аирес заминува на 3 октомври, а борбите на Фахик Весели во категоријата до 61кг. на Младинските олимписки игри на програмата ќе бидат на 17 и 18 октомври.